Пресудата во предметот Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски ќе биде изнесена во четврток на 10. јули 2008 во 14.15 часот во Судница I.
Поранешниот министер за внатрешни работи на Република Македонија, Бошкоски, и неговиот помошник за безбедност, Тарчуловски, беа судени за воени злосторства за кои се тврди дека биле извршени во текот на август 2001 во селото Љуботен, во близината на Скопје, од сили под нивна контрола.
Љубе Бошкоски се товари врз основа на кривична одговорност од позиција на претпоставен, а Јохан Тарчуловски се товари со лична кривична одговорност.
Според обвинителниот акт, на 12. август 2001 полициски единици под команда на Тарчуловски извршиле противзаконски напад на Љуботен во текот на којшто загинале седум мажи од албанско етничко потекло, најмалку 14 куќи биле намерно запалени и повеќе од 100 мажи, етнички Албанци, жители на селото биле притворени и подложени на тепање, понижување, малтретирање и психичко злоставување.
Исто така се тврди дека Бошкоски, во својство на Министер за внатрешни работи на поранешната југословенска република Македонија, знаел или имал причина да знае дека неговите подредени извршиле кривични дела и тој, како претпоставен, не презел неопходни и разумни мерки да ги казни сторителите.
Судењето започна на 16. април 2007 со изнесувањето на докази од страна на Обвинителството, што заврши на 6. декември 2007. Изнесувањето на докази од страна на Одбраните започна на 30. јануари 2008 и заврши на 18. март 2008. Завршните зборови се одржаа од 6. до 8. мај 2008.
Ова е единствениот предмет на Меѓународниот суд во врска со шестмесечниот конфликт во поранешната југословенска република Македонија.
Во текот на овие 15 години од своето основање Меѓународниот суд покренал обвиненија против 161 лице за тешки прекршувања на хуманитерното право извршени на територијата на поранешна Југославија од 1991 до 2001. Судски постапки против 114 лица се спроведени до крај.
Информации во врска со предметот може да се најдат на интернет страницата на Меѓународниот суд на адреса:
http://www.un.org/icty/index-m.html
*****
Судската постапка може да се следи на интернет страницата на Меѓународниот суд
www.un.org/icty
|