English | Français
bosanski/hrvatski/srpski
Shqip
 

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ
(Само за користење од страна на медиумите. Неофицијален документ)

СУДНИЦИ

Хаг, 10. јули 2008
NJ/MOW/PR1270m

 Бошкоски ослободен, а Тарчуловски осуден на 12 години затвор

 

 

          Судскиот совет II денес го осуди Јохан Тарчуловски на 12 години затвор за кривични дела извршени против етнички Албанци во селото Љуботен, во близина на главниот град на Република Македонија, Скопје, на 12. август 2001. Сообвинетиот, поранешниот министер за внатрешни работи на Република Македонија, Љубе Бошкоски, е ослободен од сите обвиненија.

          Кривичните дела за кои се товареше се случиле во Љуботен меѓу 12. и 15. август 2001, кога една единица на македонската полиција под команда наТарчуловски влегла во селото, пукала и убила шест невооружени етнички Албанци, а 13 други жители на селото биле сурово малтретирани. Десетмина од нив биле потоа тепани на еден полициски контролен пункт на влезот на селото и подоцна во полициската станица Мирковци во Скопје, како резултат на што еден од нив починал.

          Најмалку 12 куќи во селото биле запалени и голем број мажи етнички Албанци коишто бегале од селото биле подложени на сурово постапување од страна на други полицајци на еден полициски контролен пункт и потоа во неколку други полициски станици во Скопје.

          Бошкоски се товареше врз основа на кривична одговорност од позиција на претпоставен поради тоа што не спровел истрага за кривичните дела и не се погрижил одговорните за нив да бидат казнети. Судскиот совет дојде до заклучок дека и покрај тоа што доказите покажуваат „сериозен пропуст во функционирањето на полицијата и одговорните македонски власти во тој период, не е утврдено дека Љубе Бошкоски не ги презел неопходните и разумни мерки за казнување на полицајците“.

          Судскиот совет исто така дојде до заклучок дека вечерта на 12. август биле испратени два извештаја од Министерот за внатрешни работи до истражните судски власти и до јавниот обвинител. „ Љубе Бошкоски немал овластување ниту моќ во однос на ... истражниот судија и јавниот обвинител, коишто не биле во рамките на министерството за внатрешни работи,“ рече Претседавачот, судија Кевин Паркер.

          Судскиот совет дојде до заклучок дека Тарчуловски, од друга страна, имал директна улога во инцидентот и дојде до заклучок дека е виновен за наредување, планирање и поттикнување на кривичните дела извршени во Љуботен. Поконретно, беше утврдено дека е виновен за убиството на Рами Јусуфи, Сулејман Бајрами и Мухарем Рамадани, наредување, планирање и поттикнување на разурнувањето на имотите на 12 жители етнички Албанци, како и за суровото постапување со 13 Албанци кај куќата на Адем Аметовски и за уште десет други кај куќата на Браца.

          Меѓутоа, Судскиот совет дојде до заклучок дека и самиот Тарчуловски делувал по наредба во текот на операцијата. „Доказите не даваат индикации за лицето или лицата одговорни за наредбите што ги добивал Јохан Тарчуловски. Околностите потврдуваат дека тоа било лице или лица на повисока функција од него.

          Бошкоски ќе биде ослободен од притвор по извршувањето на релевантната процедура додека Тарчуловски ќе остане во притвор на Меѓународниот суд до неговото префрлање во државата каде што ќе ја издржува казната.

Ова е единствениот предмет на Меѓународниот суд во врска со конфликтот во Македонија. Во текот на овие 15 години од своето основање Меѓународниот суд покренал обвиненија против 163 лица за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија. Судски постапки против 114 лица се спроведени до крај.

Целосниот текст на резимето на пресудата можете да го најдете на следната адреса:
http://www.un.org/icty/mac/press/p1270-m-summary.htm

*****
Судската постапка може да се следи на интернет страницата на Меѓународниот суд www.un.org/icty

  Насловна страна   © Web Unit/CS/ICTY
Оградување од одговорност